Французинот одбива да игра за Вест Хем и се обидува да изнуди трансфер во Марсеј, но се чини дека зделката нема да се реализира откако „Чеканите“ оваа недела ја одбија и третата понуда на клубот од Франција.
Поранешниот играч на Вест Хем, Рио Фердинанд не го оправдува однесувањето на Димитри Паје и вели дека играчот треба сурово да биде казнет.
„Доколку јас бев главен таму ќе му кажев, „слушај, се додека не ги добиеме парите кои ги бареме, ќе седиш и ќе скапеш“. Така јас би постапил. Клубот е поголем од било кој фудбалер, и доколку некој играч покажал непочитување морате да се справите со тоа соодветно” – вели Фердинанд во разговор со Ток Спорт.
„Паје е неверојатен фудбалер, нова верзија на Паоло Ди Канио и фановите го обожаваат. Но големо е разочарувањето кога се случува ваква ситуација, ви остава горчина во устата”.
„Можам да ги разберам фановите на Вест Хем и нивната фрустрација и гнев. Секој фан на Вест Хем, па и секој фудбалски фан, е подготвен да си ја исече раката само за да добие шанса да игра за својот омилен клуб. Не можат да разберат зошто добива толку многу пари а одбива да игра”.
„Исто така, и Паје требаше да покаже малку повеќе почит, без Вест Хем дали ќе настапеше на Европското првенство? Дали сега сите ќе зборуваа за него? И дали ќе заработуваше колку што заработува сега? Мислам дека одговорот е негативен, Вест Хем му ја даде потребната платформа да стане она што е сега”.
„Мораше да покаже повеќе почит, но не ја знаеме најдобро целата приказна и што се случува зад сцената, па можеби треба да судиме со мала доза на резерва”.