Милан синоќа ги загуби првите бодови оваа сезона во Серија А откако одигра 1-1 на гостувањето кај Аталанта.
Домаќините водеа со 1-0, Бенасер погоди за 1-1, Милан имаше шанси и за комплетен пресврт и победа, но не ги искористи.
Пиоли има забелешка за неговите фудбалери дека во второто полувреме биле многу френетични, односно напаѓале нервозно, брзајќи да дојдат до резултат, а тоа донело до послаб фокус во искористувањето на шансите.
„Задоволен сум што ѝ дозволивме на Аталанта да создаде само неколку шанси и игравме со дух на пожртвуваност, но требаше да бидеме помалку френетични во второто полувреме“, вели Пиоли.
„Аталанта ја промени тактиката и се постави подлабоко, па ние требаше да играме со поголема смиреност за целосно да ги скршиме“.
Во текот на вториот дел, пред да биде постигнат израмнувачкиот гол, изненадувачка беше одлуката на Пиоли да ги промени сите напаѓачи, вклучувајќи го и Леао.
„Имам голем избор на силни напаѓачи и потребно е да играат за да влезат во форма. Сакав Леао повеќе да цели кон голот, но тоа е нромално. Го ставив Шарл Де Кетеларе како трикватриста и бевме поблиску до победа, тој креираше неколку чисти шанси“.
„Кога ќе ги видам во целост перформансите против многу силниот тим на Аталанта, задоволен сум“.