Интер очигледно не ја научи лекцијата со Николо Заниоло, па прелесно се откажа од Чезаре Касадеи со цел да ги балансира сметките.
Момчето родено во 2003 година важи за еден од поталентираните играчи во школата на „нероаѕурите“, неколку клубови пројавија интерес за неговите услуги а Интер беше подготвен да го продаде но со опција да го врати назад за одредена сума.
Сепак, кога Челси тропна на вратата, условите се сменија, па Чезаре Касадеи сега е пред трансфер во Лондон без опција за враќање во Милано.
Голем број на извори пренесуваат дека фудбалерот од средниот ред утре ќе отпатува во Англија на лекарски прегледи и потпис со „сините“, а Интер ќе добие 15+5 милиони евра, пари кои ќе бидат искористени за ангажман на Мануел Аканџи од Борусија Дортмунд.
Пред неколку години, Интер лесно се откажа од Николо Заниоло го испрати во Рома како дел од трансферот на Раџа Наинголан, а Италијанецот ја искористи својата шанса во Рим и сега се проценува на 40-50 милиони евра.