Николо Ѕаниоло во јануари ги оштети предните вкрстени лигаменти на десното колено и паузираше шест месеци. Сега го чека нова долга пауза откако на дуелот помеѓу Холандија и Италија во Лигата на нации настрада и левото колено.
Фудбалерот денеска требаше да биде опериран, но зафатот ќе се одложи за некој ден со цел да се одбере најдобриот доктор за процедурата. Во разговор со Газета дело Спорт, неговата мајка сега откри дека фудбалерот сакал да стави крај на кариерата бидејќи мислел дека е проколнат.
„Ќе видиме каде ќе биде опериран, ќе почекаме неколку дена. Како опции се Рим, САД и клиниката каде што беше опериран Златан Ибрахимовиќ или пак Австрија. Рома ја разгледува најдобрата опција за Николо“ – вели Франческа Коста.
„Во моментов се чувствува подобро, но првиот пак кога го видов, беше во солзи, беше бесен и мислеше дека е проколнат. Неговите први зборови беа, „Изгледа сум проколнат, најдобро да се откажам од фудбалот“. Беше прилично исплашен но сега се обидува да гледа на позитивната страна. Едното колено му е реконструирано, сега ќе биде и другото. Има големи мускули, па може да биде добро на долг рок“.
21 годишниот Николо Ѕаниоло важи за еден од најперспективните италијански фудбалери, подолго време е на радарот на гигантите ширум Европа и се говореше дека ова лето можат да пристигнат неколку понуди, но по ваквиот развој на настаните, јасно е дека тој ќе остане во Рома.