Која ќе биде следната дестинација за Меси? Повеќе клубови сонуваат за неговиот потпис

by
2 минути читање

Меси си оди од Барселона, звучи лудо, но 2020 година е, а во неа се случуваат работи кои за многу луѓе беа незамисливи.

Повеќе клубови будно ја следат неговата ситуација и веќе ги подготвуваат своите понуди за да го привлечат Аргентинецот во своите редови.

За тоа кои клубови ќе застанат во редот по потписот на Меси многу ќе зависи и од начинот на кој Аргентинецот ќе си замине.

Доколку Меси си замине од Барса како слободен играч, бројот на клубови заинтересирани за него ќе биде значително поголем, ако треба да се плати високо обесштетување на Барселона, тогаш во игра ќе бидат само неколку опции.

Како прв фаворит се споменува Манчестер Сити, некои каталонски медиуми дури пишуваат и дека самиот Меси му се јавил на Гвардиола за да праша дали ќе може да дојде во неговиот клуб.

Меси многу добро ја разбира работата на Гвардиола, нивната соработка во Барселона беше беспрекорна. Манчестер Сити има разработен проект кој е во тек, клубот цели највисоко, по сите можни трофеи, сето тоа му одговара на Аргентинецот, па негов трансфер таму изгледа најлогично решение.

Втората опција е Интер. Пред извесно време се пишуваше дека таткото на Меси, а и самиот Лео купиле куќи во Милано. Нероазурите се клуб кој отсекогаш привлекувале Аргентинци, Меси би бил повеќе од добредојден таму.

ПСЖ исто така би посегнал по Меси. Сонот на шеикот е трофејот од Лигата на шампионите, стигна до финалето, но не го направи завршниот чекор. Трио Нејмар, Мбапе и Меси во нападот звучи неверојатно добро, но парискиот клуб во овој случај е само трета опција.

Каталонскиот весник „Спорт“ пишува дека сериозен интерес има и од Манчестер јунајтед на кој му даваат предност пред Сити и ПСЖ поради подобрата ситуација кога станува збор за финансискиот фер-плеј.

Интерес за Меси има и од Челси. Роман Абрамович сака да го врати клубот на врвот, сините ова лето се најактивни на трансфер пазарот, а Русинот би го одврзал ќесето за сенационален трансфер каков што е ангажманот на Аргентинецот.

Во Неапол сонуваат дека Меси може да дојде во Наполи и да го направи она за нив кое го направи неговиот легендарен сонародник Марадона, да ги искачи повторно на врвот. Но јасно е дека тоа ќе остане само сон.

Дури има написи и дека Јувентус ќе се обиде да ги соедини Роналдо и Меси и да направи нешто незамисливо, но и тоа е далеку од реалноста.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×