Дали Барселона треба да му дозволи на Меси бесплатно да си замине од клубот?

by
2 минути читање

Меси во Барселона пристигна во 2000 година, почна во школата на каталонскиот клуб, за првиот тим дебитираше во 2004 година, а останатото го знаат и оние кои не пратат многу фудбал.

Ерата на Барселона со Лионел Меси завршува, Аргентинецот побарал од раководството на клубот да си замине ова лето и тоа бесплатно со активација на клаузулата.

Според шпанските медиуми од клубот му порачале дека клаузулата е истечена, и тој не може да го напушти клубот без да биде платено обесштетување. Се пишува дека раководството на Барса ќе бара минимум 222 милиони евра, колку што доби за Нејмар од ПСЖ.

Клаузулата е спорна. Таа истече на 10 јуни, 10 дена по оригиналниот датум за финалето од Лигата на шампионите, тоа требаше да се одигра на 30 мај.

Адвокатите на Меси сметаат дека со одложување на сезоната поради пандемијата на коронавирус се одложува и трајноста на клаузулата за заминување, па таа треба да трае десет дена по завршувањето на финалето од Лигата на шампионите кое се случи на 23 август. Според нив таа е активна до почетокот на септември.

Многумина сметаат дека без разлика на клаузулата, Барселона треба да му ја исполни желбата на Меси и да го пушти да си замине како што тој сака. Сепак Аргентинецот не е обичен фудбалер, без него каталонскиот клуб немаше да има ни половина од пехарите освоени во изминатите 15 години. 

Меси има толку многу дадено за Барселона, па клубот не смее ниту да помисли да застане на неговиот пат.

Но, Барселона многу свои ѕвезди испратила на „мала врата“, Роналдињо, Ето, Ривалдо, Роналдо, Рикелме, Марадона… се дел од големците кои неславно го напуштија каталонскиот клуб.

„Доколку Меси сака да ја напушти Барселона со активација на клаузулата, тогаш се надевам дека клубот ќе се обиде да му помогне, а не да го спречува. Тој беше исклучително лојален и нивниот најдобар играч на сите времиња. Би било страшно тажно ако заврши со кавга меѓу играчот и клубот“, изјави Гери Линекер, фудбалскиот критичар кој како играч три години го носеше и дресот на Барселона.

Можно е раководството на Барселона да игра тврдо и да не сака да го пушти Меси доколку за него не добие голема сума на пари иако тој е далеку од млад играч и пред него не се уште многу години од кариерата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×