Сезоната без трофеј Барселона ја заврши со големо понижување откако со 8-2 загуби во четвртфиналето во Лигата на шампионите од Баерн Минхен.
Раководството најави големи промени кои почнува да ги реализира. Прв настрада тренерот Кике Сетиен кој синоќа доби отказ.
А денеска клубот информира дека е прекината соработката и со спортскиот директор, Ерик Абидал.
„ФК Барселона и Ерик Абидал постигнаа договор за раскинување на соработката“, стои во соопштението на Барселона во кое и му се заблагодаруваат на поранешниот фудбалер и му посакуваат се најдобро во иднина.
Интересно, последната задача на Абидал како спортски директор на Барселона беше да му ја соопшти одлуката на Кике Сетиен дека добил отказ, а следниот ден и самиот тој ја почувствува истата горчина.