Барселона за прв
пат по 12 години има сезона во која не освоен ниту еден трофеј. Работите
кулминираа минатата недела, кога „каталонците“ беа понижени во Лисабон и во
четвртфиналето од Лигата на шампионите доживеаја историски пораз од Баерн
Минхен од 8-2.
Па бордот на
директори денеска имаше итен состанок, по кој падна првата жртва, тренерот Кике
Сетиен доби отказ и си заминува по само седум месеци.
Медиумите
изминативе денови шпекулираа дека покрај стратегот, клубот ќе го напуштат и неколку
директори, пред се оние задолжени за спортскиот дел, односно Ерик Абидал и Рамон
Планес.
Но во моментов
никој од раководството на клубот не превзема одговорност за лошата сезона и се
чини дека ќе нема никаква промена во хиеархијата, меѓу редови такво нешто беше
најавено во соопштението за разделбата со Кике Сетиен.
„Бордот на
директори одлучи дека Кике Сетиен повеќе нема да биде тренер на првиот тим. Ова
е прва одлука од една поширока реконструкција на првиот тим која ќе биде
договорена помеѓу сегашниот технички секретар и новиот тренер, кој ќе го
соопштиме во следните денови“ – гласеше соопштението.
Се шпекулираше и за
можноста изборите за нов претседател да бидат распишани ова лето, но Жозеп
Мариа Бартомеу ќе остане на чело откако изборите се закажани за март 2021
година, па и тука нема да има промени.
Останува да се
види како „тешкашите“ во соблекувалната ќе реагираат на ова. По поразот од
Баерн, Жерард Пике порача дека мора да има промени и тоа почнувајќи од
раководството, па до играчите и тренерот.
Се чека и
реакција на Лео Меси, за кого изминативе денови имаше многу гласини дека тој не е
задоволен од случувањата во клубот, и се шпекулираше дека побарал да замине уште летово.
Аргентинецот во февруари го крена гласот по една изјава на Ерик Абидал, тогаш жестоко
распали по директорот и повика раководството на клубот да превзеде одговорност
за лошите потези кои ги влече.