31 годишниот
Месут Озил има важечки договор со Арсенал до идното лето, а се’ поизвесно е дека ќе проследиме нов случај,
налик на оној со Герет Бејл во Реал Мадрид, каде Велшанецот почна да си тера
инает со шпанскиот гигант откако претходно беше отпишан и од Зинедин Зидан
јавно, а подоцна Французинот го промени својот став, но реакцијата беше задоцнета.
Во моментите кога
сите помислија дека ситуацијата со Озил се смири, а обете страни си подадоа
рака, по рестартот на сезоната во Премиерлигата се случи нешто веројатно
неочекувано за многумина, Германецот беше изоставен од Микел Артета, а тоа се
случуваше континуирано до самиот крај на сезоната.
„Мојата позиција
е јасна, јас тука останав со одлука во последниот ден од мојот договор, се
обврзав дека ќе дадам максимум за клубот, ситуации како овие никогаш нема да ме
скршат, само можат да ме направат посилен, и во минатото покажав дека можам да
се вратам, а тоа ќе го повторам“ вели Озил во интервјуто за „Д Атлетик“.
Германецот сосема
разбирливо, одби било каква можност да си замине од Арсенал, поточно клубот
каде заработува неверојатни 350,000 фунти неделно, алудирајќи на тоа дека ќе
даде максимум од себе да докаже дека има уште многу што да покаже.
„Луѓето секогаш
или ќе ве сакаат, или ќе ве мразат, а главното нешто е што мислат на тоа луѓето
кои ве познаваат од блиску, тоа што луѓето вон мојот свет коментираат како
играм, или го коментираат мојот карактер е ирелевантно, тие само зборуваат
с*ање за да се истакнат во јавноста, знаам дека со самото тоа што ми го
споменуваат името сето тоа предизвикува внимание кај јавноста“ додава тој.
„Не можам да
зборувам за мојата приватна конверзација со тренерот, но, можам да ви кажам
дека мошне добро го познавам моето тело, бев во целост подготвен за настап на
секој натпревар пред паузата, а исто беше и по ситната повреда“ подвлекува
Озил, тврдејќи дека бил подготвен за настап на натпреварите по рестартот на
сезоната, иако од Арсенал дури и излегоа со информација дека тој е повреден, по
што плејмејкерот јавно демантираше.
„Кога знаете
колку сте добар во тоа што го работите, а не сте ниту селектирани за таа
работа, тешко е да бидете на високо ниво секогаш, ќе дојдете до големо
разочарување, ова е мојата професија, го сакам тоа што го работам, сакам да
бидам на теренот, да играм натпревари, да му помагам на клубот и моите
соиграчи, во целост ги почитувам одлуките на тренерот, но верувам дека овие
работи треба да се решаваат на терените, по рестартот на сезоната јас не добив
прилика да го докажам тоа што го можам, не играте десет меча во низа доколку не
сте подготвен, не сте доволно добри или не се однесувате добро, да ги одиграв
тие натпревари лошо, би ја разбрал ситуацијата, но ова не е таков случај“
заклучи Озил во интервјуто.