Неизвесна е
ситуацијата околу Кепа Аризабалага во Челси, своевремено мета на многу критики
кај навивачите на тој клуб поради очајните изданија, па дури и еден период беше
прекомандуван на клупата за резерви.
„Марка“ известува
дека Валенсија сериозно ја мониторира ситуацијата со Кепа во Челси, наводно
има во план да го побара голманот на две годишна позајмица, а за очекување е во
случај да падне договор помеѓу обете страни, во истиот да има и опција за
целосен откуп на неговиот договор со Челси.
Кепа го наследи
Куртоа на голот на Челси по заминувањето на Белгиецот во Реал Мадрид, а
трансферот на Кепа од Атлетик Билбао го чинеше Премиерлигашот 80 милиони евра
во 2018. година.
Во меѓувреме, на
Островот пак известуваат дека Челси веќе го ставил првиот чувар на мрежата на
голот на Евертон, како и англиската репрезентација, Џордан Пикфорд на листата
на желби, всушност Пикфорд им е прв кандидат да го наследи Кепа.
Познато е дека
Сините од Лондон имаат богата каса за засилувања ова лето најмногу благодарение
на претходната суспензија за трансфери, по што имаа голема заштета, а по Хаким
Зијеч и Тимо Вернер, кои веќе се договорени, се чини дека Пикфорд би можел да
биде следното звучно засилување за составот на Френк Лампард.
Челси е мошне
активен на трансфер пазарот, за тоа веќе се уверивме, а „Сан“, во однос на
активностите на овој клуб на тоа поле, додава дека тргнува и по потписот на
Давид Алаба од Баерн Минхен.
Лампард очајно
посакува засилување на левата бековска позиција, се споменуваше и Бен Чилвел од
Лестер, иако помалку чудно, од причина што Лампард веќе го има во своите редови
еден од најдобрите леви бекови во Премиерлигата во моментов, Маркос Алонсо,
меѓутоа тоа е фудбалер воедно и со неизвесна иднина во клубот.