Манчестер Сити
синоќа славеше убедлива победа од 5-0 на домашен терен против Барнли, а во
листата на стрелците не успеа да се запише Серхио Агуеро кој во самиот финиш на
првиот дел мораше предвреме да го напушти теренот поради повреда.
Броунхил имаше
старт врз 32 годишниот аргентински напаѓач по што беше досуден пенал за
домаќините, меѓутоа Агуеро мораше да го напушти теренот поради повреда на
коленото, а според информациите, истата воопшто не е наивна, за што потврди и
шефот на стручниот штаб на „Граѓаните“, Пеп Гвардиола.
„Не изгледа
добро, има проблем со коленото, ќе видиме подетално по тестовите кои ќе бидат
извршени на него, изминатиов месец се жалеше на болки во коленото, ќе видиме за
што станува збор“ рече Гвардиола, а запрашан дали за Агуеро тоа значи крај на
сезоната, тој даде кус одговор.
„Ќе видиме по
тестирањата, јас не сум доктор, но, не изгледа добро“ додаде тој.
Габриел Жесус ќе
го замени Агуеро во нападот на Сити, а добра вест за актуелниот англиски првак
е враќањето на Лерој Сане, кој синоќа се врати на терените откако паузираше од
август минатата година.
Манчестер Сити се
уште се натпреварува на два фронта вон Премиерлигата, односно ФА Купот, како и
Лигата на шампионите, претходно во март го освоија Лига Купот.