Како дел од пакетите за справување со коронавирус
кризата, владата на Велика Британија одлучи децата од сиромашни семејства да продолжат
да добиваат бесплатен училишен оброк и покрај тоа што училиштата беа затворени
и тие седеа дома.
Семејствата добиваа ваучери со кои можеа да
пазарат во маркети, но мерката требаше да престане да важи со крајот на
учебната година.
Се водеше голема кампања за мерката да продолжи и
во следните месеци, односно летниот распуст, а во неделата, емотивно писмо
испрати напаѓачот на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд.
Тој објасни како неговото семејство користело
бесплатни училишни оброци, како тоа им било од голема корист и дека веројатно
тој немал да стане славен фудблаер доколку не била помошта од државата и
добрината на луѓето.
„Без љубезноста и великодушноста на заедницата,
немаше да постои Маркус Рашфорд кој вие го гледате денеска: 22 годишно црно
момче кое имаше среќа да направи кариера во спортот во кој е заљубен. Мојата
приказна им е добро позната на многу семејства во Англија, мојата мајка
работеше на минималец и се трудеше секогаш да имаме храна на масата. Но тоа не
беше доволно. Системот не е изграден за семејства како моето да успејат, без
разлика колку напорно работеше мојата мајка. Затоа моравме да користиме клубови
за доручек, бесплатни училишни оброци. Банките за храна и народните кујни ми се
добро познати. Добро ги паметам посетите во Нортен Мур за да ја подигнеме
храната за божиќните вечери секоја година“ – се вели во дел од писмото.
По ваквиот развој на настаните, Борис Џонсон се предомисли
и реши бесплатните училишни оброци да важат и во летниот распуст. Ќе бидат
одвоени околу 120 милиони фунти за 1,3 милиони деца да добијат бесплатен оброк,
односно семејствата ќе добиваат неделен ваучер од 15 фунти.
Маркус Рашфорд исто така собра 20 милиони фунти за
банките со храна да можат да делат оброци на деца од сиромашни семејства, па
тој е херој на денот на „островото“.