Поранешниот
фудбалер на Манчестер јунајтед, Патрис Евра го критикуваше слабиот менталитет
на Арсенал, нарекувајќи ги бебиња по синоќешниот минимален пораз кај Шефилд
јунајтед во последниот меч од деветтото коло во Премиерлигата.
„Топчиите“
страдаат во однос на формата на гостински терен, а практично пропуштија шанса
да се искачат на третото место на табелата, иако имаа можност за такво нешто,
меѓутоа изданието на тимот на Унаи Емери синоќа беше очајно, а Евра за „Мандеј
Најт Фудбал“ не криеше за тоа какво е неговото мислење за Арсенал и говореше
отворено.
„Шефилд Јунајтед
заслужи да победи, меѓутоа воопшто не сум изненаден од Арсенал“ рече Евра кој
тврди дека ништо не се променило по заминувањето на Арсен Венгер од клупата на
тимот од Лондон.
„Јас ги нарекував
‘мои бебиња’ пред десетина години, а тие се уште се
тоа и во моментов, кога ќе ги погледнам мислам дека тие се ‘мои бебиња’, тоа е вистината, ова не го говорам од
непочитување кон тој клуб, тоа е реалноста“ додава Французинот.
„Тие наликуваат
убаво, но, не изгледаат како победнички тим, сакаат да играат убав фудбал, но
јас бев многу среќен што играв против нив, бидејќи знаев дека ќе победам“ вели
тој и се наврати на моментите кога Ван Перси од Арсенал премина во редовите на
Манчестер јунајтед, Французинот за добредојде имал посебна порака до
Холанѓанецот.
„Дури и кога Робин
Ван Перси дојде во Манчестер јунајтед, првиот ден се поздравивме, се ракувавме
и му реков ‘добредојде во
машкиот клуб’, на почетокот
тој беше вознемирен, меѓутоа по еден месец дојде и ми рече ‘целосно си во право Патрис’“ откри Евра, а неговите коментари наидоа
на бурни реакции од Гранит Џака, капитенот на Арсенал кој веднаш возврати.
По минималниот
пораз кај Шефилд, Џака не го криеше разочарувањето, меѓутоа запрашан за
менталната подготвеност на тимот тој бурно реагираше, особено поради фактот што
тоа е често прашање кое се адресира до Арсенал.
„Треба да
престанеме да зборуваме околу менталната подготвеност на тимот за натпреварите,
како и с*ања како таквите коментари“ рече капитенот на „Топчиите“ по мечот со
Шефилд јунајтед запрашан токму за таа тема, а веднаш потоа се извини поради
зборовите кои ги употреби во таа изјава.
„Жалам што морам
да го кажам тоа, но, според мене сеедно е дали играте на домашен или гостински
терен, треба да победите без разлика каде и да играте, истовремено треба да се
покаже голем карактер, а не да барате постојано исти изговори“ заклучи
Швајцарецот кој беше запрашан и за коментарите на Евра.
„Некои луѓе
зборуваат премногу, имам голема почит кон него бидејќи тој беше одличен
фудбалер, меѓутоа мислам дека сите треба да бидеме внимателни за тоа што го
зборуваме, тој добро знае како наликуваат вакви ситуации, меѓутоа не само тој,
и други луѓе говорат с*ања и постојано е истото“ заврши Џака.