Оле Гунар Солшер
размислува да го одмори Пол Погба за пресметката со АЗ Алкмар во рамките на
второто коло од Лига Европа, откако фудбалерот од средниот ред имал зголемени
болки на глезенот во текот на ремито со Арсенал синоќа, пренесува „ЕСПН“
базирајќи се на свои извори од Премиерлигашот.
Погба
отсуствуваше од натпреварите на Манчестер јунајтед, се врати во средината на
претходната седмица во дуелот против Рочдејл, за синоќа повторно да стартува од
првата минута, а веројатно не бил целосно рехабилитиран за такво нешто.
„ЕСПН“ додава
дека Французинот ќе биде подложен на медицински тестови денеска пред Солшер да
го финализира составот за гостувањето во Холандија во четврток, меѓутоа јасно е
дека Норвежанецот ризикуваше со Погба, а истото го стори и со Рашфорд во
дербито со Арсенал, напаѓачот иако до последен час беше неизвесен, сепак
стартуваше на пресметката во која асистираше во водечкиот гол на МекТоминеј.
Извори за „ЕСПН“
тврдат дека Погба би можел да биде опоравен за пресметката со Њукасл на „Сент
Џејмс Парк“ во недела, меѓутоа дотогаш останува неизвесен, а освен него, со
таков статус е Маркус Рашфорд, и покрај тоа што ги одигра сите 90 минути против
Арсенал.
Добри вести за
Солшер се најавите дека Лук Шо би можел наскоро да се врати на терените, откако
тој ланската седмица веќе се врати на тренинзите во клубот.