Иако помина долго време, се уште се зборува за легендарната сезона на Интер под водство на Жозе Мурињо во која клубот ја освои историската тројна круна. Финалето беше на Сантијаго Бернабеу, а по победата Португалецот остана таму и потпиша за Реал Мадрид, не се врати во Милано да го прослави големиот трофеј со остатокот од тимот.
„По првата година во која го освоивме Скудетото ја сфатив пасијата на луѓето кои го сакаат Интер. Интер беше фамилија и секогаш е многу тешко да се збогувате од фамилијата, па преферирав да заминам без да се вратам. Ситуацијата во соблекувалната веќе беше тешка, но ако се вратев во Милано требаше по трет пат да му кажам не на Реал Мадрид. Во мојата глава имав цел да ја освојам Премиерлигата, Скудетото и шпанската лига, не сакав да ја пропуштам таа можност“, вели Мурињо.
„Имаше клучни моменти во секое од трите натпреварувања. Победата во Киев беше почеток на се, потоа најдобриот пораз во мојот живот против Барселона во полуфиналето. И потоа две недели со финалето во италијанскиот куп, трката за Скудетото и финалето во Лигата на шампионите во Мадрид. Се изгледаше како филм со среќен крај. Тоа беше фантастична приказна“.
„Имав посебен однос со фановите и претседателот Морати. Секогаш се трудам да создадам емпатија со луѓето. Јас сум човек кој никогаш не се штити себеси, живеам за тимот. Креирам емпатија со фановите, и доколку ги освоите со таа емпатија тогаш тоа можете да го претворите во пасија што се случи во Интер. Морати е мојот претседател, тој ми е пријател и кога мислам на него мислам на фамилија. Го чувствувам како дел од моја фамилија бидејќи неговата фамилија е создадена од посебни луѓе. Начинот на кој тие ме примија и направија да се чувствувам пријатно е над фудбалот, над тројната круна, над спортскиот успех и таквите работи се многу важни и остануваат засекогаш“.
По отказот од Манчестер јунајтед тој се уште е без работа, но вели дека не планира да се врати во Серија А, барем не сега.
„Не сум работел осум месеци. Ќе видиме што ќе се случи, но не мислам дека следниот предизвик ќе ми биде во Серија А иако имам добро чувство за земјата. Ако некогаш се вратам не ни треба да го учам јазикот бидејќи не го заборавив италијанскиот. Ја знам вашата култура, фудбалска култура и се идентификувам со многу работи. Живеам во Лондон и ја следам Премиерлигата, но ја следам и Серија А која е интересна“.