Иако до летниот
преоден рок има уште неколку месеци, низ медиумите секојдневно има голем број
на гласини. „Бјанконерите“ се поврзуваа со еден куп играчи, па спортскиот
директор Фабио Паратичи како гостин на Радио Раи денеска се обиде да разјасни
одредени работи.
Неодамна се
пишуваше дека тој во ресторан заборавил листа со желби на која имаше неколку
перспективни играчи како Заниоло, Киеза, Тонаил и Барела.
„Ме прави среќен кога млади Италијани се поврзуваа со голем клуб како Јувентус,
тоа е добар знак за целиот италијански фудбал. На листата која сум ја напишал
јас или било кој друг, кој малку повеќе внимава на Калчото, има прилично
талентирани фудбалери. Но овие играчи ги следат многу клубови, не само Јувентус, и
во моментов не сме блиску до потпис со никого од нив“ – вели Фабио
Паратичи.
Јувентус исто
така се поврзува и со големи ѕвезди, претходно беше споменуван Килијан Мбапе, а
во последно време Мохамед Салах.
„Во моментов тоа
е само „фантамеркато“ (фантази фудбал). Се уште сме февруари, па никој не знае
што ќе се случи во јуни. Можам само да кажам дека сме горди што го ангажиравме
Арон Ремзи, тој е големо засилување“.
Пауло Дибала не
игра во добра форма, па се почесто се говори дека „Старата Дама“ би можела да
го жртвува Аргентинецот за да дојде до големо име како Мбапе и Салах.
„Дибала е играч
на Јувентус, иако има 25 години, веќе покажа многу. Треба малку да се подобри
за да стане легенда и лидер на клубот, но сигурен сум дека ќе го стори тоа. Го
има потребниот морал и вештини“.
На Јувентус со
години му нема рамен во Серија А, но „Старата Дама“ оваа доминација во Калчото
не може да ја искористи за триумф во Лигата на шампионите, па се говори за
можноста Макс Алегри летоска да започне нова авантура.
„Проектите се
многу поважни од победите и поразите, ова го покажавме во последните девет
години. Макс е дел од проектот, и убеден сум дека без разлика каков ќе биде
резултатот во Лигата на шампионите, тој ќе остане со нас“.
Фабио Паратичи се
осврна и на големиот потрес кој се случи во Интер минатата недела и одземањето
на капитенската лента на Мауро Икарди. Се верува деак една од причините за
ваквиот потег на „Нероаѕурите“ е тоа што Аргентинецот преговарал за трансфер во
Јувентус.
„Сакам да појаснам дека изминатото лето не се обидувавме да внесеме немир кај
Интер, а во последно време не сме имале никаков контакт со Икарди. Постапките
кои ги превзедовме беа од информативен карактер, ги известивме дека Јувентус
може да биде заинтересиран доколку Икарди реши да ја промени средината. Ова го
прават сите клубови кога трансфер пазарот е отворен. Но во последно време не
сме имале никаков контакт, дури ниту со Ванда Нара. Икарди е играч на Интер и се
уште сме февруари, пред нас се важни месеци. Се останато околку играчот може да
биде или да не биде релевантно дури во јуни“.