Ерменија, Русија и Гибралтар, тоа се трите последни
противници за нашата млада фудбалска репрезентација за фудбалери до 21 година,
во рамките на завршната фаза од квалификациите за пласман на Европското
првенство во Италија идната година.
Избраниците на Добринко Илиевски немаат никакви шанси од
поодамна, со само една победа (против Ерменија на стартот од 0-3) се заковани
на дното од табелата во групата „7“ заедно со Гибралтар, кој има идентичен број
бодови по сензционалната победа токму над нашите надежи (1-0).
Токму Ерменија е нашиот следен противник, а селекторот
Илиевски вели дека оваа пресметка ќе биде проба за идниот циклус.
„Натпреварот со Ерменија очекуваме да биде тежок, од причини
што се работи за противник кој има две до три години постари фудбалери. Се
работи за цврста репрезентација, која на фаворитите им даде отпор. Се работи за
агресивен ривал, кој ќе дојде тука да се надигрува и да бара реванш за поразот
во Ереван. Очекувам борбен натпревар, противник кој ќе „гризе“ на теренот, но
тоа и нас ќе ни биде генерална проба за натпреварите во следниот циклус“ истакна Илиевски.
Мечот се игра
утре со почеток од 15,30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во
Скопје.