Македонија имаше успешен почеток на новото натпреварување на УЕФА откако со 2-0 славеше на гостувањето кај Гибралтар. Сега избраниците на Игор Ангеловски се соочуваат со посериозен противник, утре (недела) во Скопје гостува селекцијата на Ерменија.
„Ова е најзначајниот натпревар за нас, сметам дека добро го анализиравме противникот и подготвени ќе влеземе во дуелот. Мене ми е важно како ќе функционира мојот тим. Ако функционираме како на претходните натпревари, не гледам причина зошто да не го добиеме овој меч. Барсегјан и Хамбарџумјан играа во Македонија, заедно со Фелипе се најдобрите странци што играле во нашата земја. Но, сега ќе бидеме на спротивни страни. Победникот во оваа Лига Д во нашата група ќе се бара меѓу нас и Ерменија. Очекувам да забележиме позитивен резултат, изјави Игор Ангеловски, на денешната прес конференција.
Капитенот Горан Пандев смета дека ова е најзначајниот меч во оваа фаза за македонската репрезентација.
„Се подготвуваме како и за сите други натпревари. Сметам дека максимално спремни ќе влеземе во дуелот. Оваа пресметка е најзначајна во нашата група. Ерменија е квалитетна селекција, но ако ние бидеме на нашето ниво, ќе успееме да оствариме позитивен резултат, изјави Пандев.
Натпреварот меѓу Македонија и Ерменија се игра утре (недела) на арената Филип Втори со почеток од 18 часот.