Најдобрата
македонска фудбалска репрезентација утре (четврток) игра на гостински терен кај
Гибралтар во воведното прво коло од Лигата на Нации, а три дена потоа (недела)
на домашен терен ќе ги одмери силите со Ерменија на „Националната Арена Филип
Втори“ во Скопје.
Нашиот
интернационалец од редовите на португалскиот гигант Спортинг Лисабон, бекот
Стефан Ристовски смета дека новото натпреварување е голема шанса, додава дека
репрезентацијата е подготвена за овој предизвик а резултат може да донесе
фактот што овој тим веќе неколку години игра заедно.
„Лигата на
Нации е нова шанса за сите нас. Се подготвуваме долго време, веќе неколку
години сме заедно во репрезентацијата и одлично се познаваме. Денешниот фудбал
не дозволува опуштање, фаворити сме против Гибралтар, но мораме тоа да го
потврдиме на натпреварот. Не бегаме од фаворитската улога и ќе го покажеме тоа
на теренот. Голем дел од нашите репрезентативци играат во одлични клубови,
стандардни се во своите екипи и се надевам дека тоа ќе го пренесеме и низ
натпреварите во Лига на Нации“ изјави
Ристовски.