ФФМ официјално го одложи Собранието откако остана без кандидати за нов претседател по откажувањето на Сашко Тасев.
Претходно ФФМ ги отфрли кандидатурите на Вујадин Станојковиќ, Влатко Костов и Харалемпие Хаџи Ристески кои поднесоа жалби по ваквата одлука. Комисијата за жалби при ФФМ доцна синоќа ги отфрли жалбите на тројцата кандидати, а единствениот прифат, Сашко Тасев ја повлече кандидатурата.
ФФМ во соопштение со четири точки потврди дека се одбиени жалбите на тројцата кандидати, го потврди повлекувањето на Сашко Тасев, соопшти дека го откажува Собранието предвидено на 1. септември и ќе работи на организација на ново.
-Комисијата за жалби при Фудбалската федерација на Македонија постапувајќи по поднесените жалби по одлуки на Комисијата за извори и верификација на ФФМ, а во врска со поднесените кандидатури за претседател на ФФМ ги потврди одлуките на Комисијата за избор и верификација на ФФМ.
-Кандидатот за претседател на Фудбалската федерација на Македонија, предложен од ОФС Кавадарци, Сашко Тасев ја повлече својата кандидатура и писмено ја достави до архивата на ФФМ.
– Вонредната изборна седница на Генералното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија за избор на претседател која беше закажана за 01. септември 2018. година поради повлекување на поднесената и утврдена кандидатура за претседател на ФФМ се откажува.
-Управниот одбор на ФФМ, администрацијата и другите тела и органи на ФФМ во наредниот период активно ќе работат со цел организација на Генералното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија за избор на претседател почитувајќи ги одредбите од Статутот на ФФМ и водејќи сметка да се обезбеди максимална конкурентност и транспарентност во целиот процес.