ФФМ во соработка со УЕФА обезбеди вонредни средства од „хет-трик“ програмата кои ќе бидат насочени за изградба на три терени со вештачка трева. Тие преку проектот „Хет-трик 3“ на УЕФА, веќе финансираа целосна изградба на десет терени со вештачка трева во исто толку општини во државата.
УО на ФФМ донесе одлука еден од трите терени да биде изграден и предаден во употреба на Академија Пандев како дел од комплексот на капитенот на репрезентацијата Горан Пандев кој го гради во Струмица.
„Сите ние сме исклучително благодарни за посветеноста на Горан Пандев кон спортот како поле каде треба да се докажуваат младите таленти и неговиот придонес во развојот на нашиот фудбал, горди сме на нашиот капитен кој дава голем придонес за напредокот на македонскиот, но и европскиот и светскиот фудбал. Одлуката да изградиме терен со вештачка трева за потребите на Академија Пандев е еден вид признание од соработниците и институцијата која го води нашиот фудбал кон тоа што Горан и Академија Пандев инфарструктурно го изградија во Струмица. Благодарност до целокупниот Управен одбор на ФФМ кој го поддржа и верифицираше предлогот“, вели Филип Поповски, генералниот секретар на ФФМ.
„Инвестициите во развој на фудбалската инфраструктура се клучни за развојот на фудбалот, а ние во Фудбалската федерација на Македонија сме подготвени позитивните искуства да ги претвориме во долгорочна соработка со сите поврзани субјекти, во правец на создавање на услови за развој на фудбалот, почнувајќи од најмладите категории, па сѐ до професионалниот фудбал“.