Зинедин Зидан во
средата лично го информирал Флорентино Перез дека следната сезона нема да биде
на кормилото на Реал Мадрид, а потоа Французинот на прес конференција вчера ја
образложи одлуката за заминување.
И додека во
главен фокус е тоа кој ќе биде негов наследник, многумина го поставуваат
прашањето како одлуката на Зинедин Зидан ќе влијае врз тимот. Заминувањето на
стратегот може да влијае врз иднината на неколку фудбалери, а како најзначајни
се споменуваат Навас, Иско, Бејл, Бензема и Роналдо.
Кејлор Навас
уживаше голема доверба кај Зидан, стратегот во јануари одби да го донесе
талентираниот Кепа и покрај тоа што Флорентино Перез го договори трансферот на
младиот голман на Атлетик Билбао. Сега кога Зизу го нема повеќе во сликата, репрезентативецот
на Коста Рика би можел да замине од Сантијаго Бернабеу и на негово место да
пристигне голман како Тибо Куртоа или Давид де Хеа.
Иско со години е
дел од шпекулациите на медиумите, едно време дури и го поврзуваа со големо
предавство и трансфер во Барселона, но со одлични партии ја стекна довербата на
Зинедин Зидан и стави потпис на нов договор. Сепак, загарантирано стартно место
во Реал имаат малкумина, Иско оваа сезона често беше ротиран па се говореше за
негова преселба во Манчестер Сити, иако Пеп Гвардиола ги демантираше ваквите
гласини.
Герет Бејл
веројатно е играчот врз кој најмногу ќе влијае заминувањето на Зизу. Велшанецот
оваа сезона беше резерва на речиси сите клучни натпревари и веројатно со една
нога беше заминат од Мадрид пред да следи прес конференцијата на Зидан. Тој
сега би можел да се предомисли и да остане. За тоа колку беше лош односот
помеѓу двајцата, Бејл беше единствениот фудбалер на Реал Мадрид кој не се
опрости од тренерот.
Кристијано
Роналдо уште по последниот свиреж во Киев најави заминување. Неговите мотиви се
различни од оние на Бејл, тој не е задоволен од тоа што Реал не го награди со
нов побогат договор. По Фергусон, Зидан веројатно е тренерот со кој ЦР7
најдобро се разбираше. Зизу успеа да го убеди Роналдо дека за него ќе биде
многу подобро доколку одмара, па Португалецот без проблем прескокнуваше
натпревари, нешто што беше незамисливо во минатото. Одлуката на Зидан може да го забрза процесот за заминување на
Роналдо, но тој сигурно ќе почека да види каква ќе биде иднината на Бернабеу.
Карим Бензема го
загуби тренерот кој имаше најголема доверба во него и секогаш го бранеше.
Напаѓачот постојано е мета на критичарите бидејќи нема бројки кои треба да ги
има еден расен голгетер во дресот на Реал. Зидан дури и го продаде Мората на
Челси и покрај тоа што младиот Шпанец имаше подобра сезона од Бензема. Без
својот сонародник на кормилото, Французинот веројатно ќе биде поранлив кога е
во прашање продолжување во дресот на „Кралевите“.