Фудбалерите на Струга ќе останат на врвот и по 14. коло откако денеска со 2-1 ја совладаа екипата на Брегалница во Штип, ова за стружани беше петта победа по ред.
Мечот почна изедначено, Струга имаше повеќе посед на топката, но се закануваше и Брегалница.
Во финишот од првото полувреме домаќините постигнаа гол, Глигоров го најде патот до мрежата на Струга и ја израдува штипската публика.
Со почетокот на вториот дел Струга тргна многу поодлучно кон голот на противникот барајќи израмнување, и тоа брзо дојде, на необичен начин.
Во 51. минута гол за 1-1 постигна Алији директно од корнер.
Гостите беа осоколени од погодокот, а домаќините во шок, во наредните минути фудбал се играше во еден правец, стружани бараа пресврт, имаа неколку одлични шанси, но не ги искористија.
Натпреварот се стабилизира, се чинеше дека ќе нема победник, но во 87. минута Радески погоди со глава за победа на Струга од 2-1.
Струга е прва на табелата со 32 бода, пет повеќе од Тиквеш и Брегалница. Тетовскиот тим утре го игра мечот од ова коло, на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го пречека Силекс.