Милан сериозно размислува за ангажман на капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, и тоа како слободен играч доколку холандскиот дефанзивец не го продолжи договорот со англискиот клуб, пишува италијанскиот весник „Ла Газета дело Спорт“.
Според информациите на италијанскиот медиум, Милан подолго време ја следи ситуацијата на Ван Дајк и би можел да му понуди договор доколку реши да го напушти „Енфилд“ на крајот од сезоната.
Голем обожавател на холандскиот репрезентативец е сопственикот на Милан, Гери Кардинале, а истото важи и за неговиот советник Златан Ибрахимовиќ. Интересно е што инвестициската компанија „РедБирд капитал партнерс“, преку која Кардинале го поседува Милан, има и малцински удел во „Фенвеј спортс груп“, компанијата која поседува 62 отсто од акциите на Ливерпул.
„Газета“ наведува дека интересот на „росонерите“ трае веќе неколку години, но досега не постоеле услови за реализација на трансферот. Поради возраста на Ван Дајк и неговата висока плата, Милан би се впуштил во овој потег само доколку не треба да плати обештетување. Сепак, италијанскиот гигант би можел да се соочи со сериозна конкуренција. Доколку холандскиот дефанзивец побара финансиски богат договор, можеби и последен таков во кариерата, предност би имале клубовите од Саудиска Арабија и Турција. Меѓу заинтересираните можни дестинации се споменуваат Фенербахче и Галатасарај.
Од друга страна, доколку Ван Дајк сака да продолжи да игра на највисоко ниво во европскиот фудбал, Милан би можел да биде сериозна опција, особено ако обезбеди пласман во Лигата на шампионите за следната сезона.