Анри одговори на критиките: Не сакав да го провоцирам Јамал

by Стефан
2 минути читање

Легендарниот француски фудбалер Тиери Анри се огласи откако се најде на удар на критики поради своето однесување за време на доделувањето на „Златната топка“ во понеделникот во Лондон. Поранешниот напаѓач ја водеше церемонијата заедно со спортската новинарка Кејт Скот, а неговите шега на сметка на Ламин Јамал предизвика реакција.

Церемонијата се одржа во лондонскиот театар „Паладиум“, за првпат во 70-годишната историја на „Златната топка“ надвор од Париз. Главната награда ја освои напаѓачот на Баерн Минхен и англиската репрезентација, Хари Кејн, кој стана првиот Англичанец по Мајкл Овен во 2001 година што го добил ова признание. Второто место му припадна на Килијан Мбапе, додека трет заврши Ламин Јамал.

Еден од моментите што привлекоа најголемо внимание се случи кога 19-годишниот Јамал излезе на сцената за третпат по ред да ја прими наградата за најдобар млад фудбалер на годината. Анри тогаш го праша:

„Ова ти е трета, нели? Но, дали е тоа наградата што навистина сакаше да ја освоиш?“

Французинот алудираше на желбата на Јамал да ја освои главната награда, „Златната топка“, за која беше еден од кандидатите. Младиот фудбалер на Барселона на прашањето со насмевка одговори: „Сакам да ги освојам сите!“

Дел од гледачите го протолкуваа коментарот на Анри како непотребна провокација кон младиот фудбалер. По критиките, Французинот објави видео на Инстаграм во кое објасни што всушност сакал да порача.

„Видов дека многу луѓе зборуваат за вечерта на доделувањето на „Златната топка“, па сакам да разјаснам некои работи поради кои одредени луѓе се вознемирија практично без никаква причина“, започна Анри.

„Пред сè, кога станува збор за Ламин Јамал, воопшто не се обидував да му го спуштам егото. Едноставно помислив дека, со оглед на тоа што третпат ја освоил таа награда, можам да го прашам дали тоа е признанието што навистина го посакувал. Со тоа ги насмеав луѓето. Сите знаеме која награда ја сакаше, но, за жал, не ја освои. Јас сум голем обожавател на Ламин Јамал и воопшто не се обидував да му го спуштам егото. Можам да разберам ако не ви се допаднала шегата, но немојте да измислувате нешто што не се случило. Тој е еден од фудбалерите за кои би платил билет само за да ги гледам. Го обожавам. Го прашав дали тоа е наградата што навистина ја сака затоа што знаев дека главната награда доаѓа подоцна. За жал, не ја освои. Тој е фантастичен играч што исклучително многу сакам да го гледам“, објасни Анри меѓудругото во видеото.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×