Екс-напаѓачот за кризата во Торино: Загрижувачки е тоа што фудбалерите ја бираат Аталанта пред Јувентус

by Стефан
2 минути читање

Поранешниот италијански напаѓач Марко Бориело, кој со Јувентус ја освои титулата во Серија А, во разговор за „Газета дело Спорт“ отворено ја анализираше длабоката и долготрајна криза во која се наоѓа торинскиот гигант.

Иако многумина спасот го гледаат во враќањето на Антонио Конте, Бориело смета дека коренот на проблемите лежи многу подлабоко од тренерската клупа.

„Голем почитувач сум на Антонио Конте. Тој е роден победник, а неговата сила ја почувствував од прва рака, кај играчите всадува неверојатен менталитет. Сепак, не мислам дека Спалети е проблемот на Јувентус, па затоа ниту самиот Конте би бил доволен за Јуве повторно да стане доминантна сила. Станува збор за двајца извонредни стручњаци. Лучано и Антонио се различни, но и двајцата се феноменални од тактички и технички аспект. Конте би ја вратил ДНК-та на Јувентус и би работел како манијак, но не сум убеден дека само тоа е доволно за освојување трофеи“, јасен беше тој на почетокот.

На прашањето што му недостасува на клубот, Бориело без двоумење ја истакна важноста на претседател како што беше Андреа Ањели.

„Дури и однадвор се чувствува отсуството на неговата топлина и присуство. Тој беше функционер кој секогаш беше покрај екипата. Јувентус има историски и единствени сопственици, а нивната приврзаност кон семејниот драгоцен камен е несомнена, особено кога станува збор за финансиите. Џон Елкан е најголемиот навивач на клубот и треба да му се симне капа за постојаните инвестиции од него не може да се бара повеќе.

Сепак, тој е голем бизнисмен и не може секојдневно да биде во тренинг-центарот. На Јувентус му недостасува онаа магија кога сè се поклопува, истата онаа што се создаде во нашата шампионска сезона со Конте, навивачите и новиот стадион. Тоа не се празни приказни, играчите ја чувствуваат атмосферата и, макар и несвесно, реагираат на неа. Верувајте ми, фудбалерите го чувствуваат тоа. Фудбалот е чиста хемија и заедничка цел“, додаде тој.

Како доказ за недостигот од авторитет и ред во соблекувалната, Бориело направи паралела со актуелните случувања во тимот.

„Во мое време во Јувентус, Бремер сигурно немаше така да се огласи по поразот од 3:0 против Лацио. Додека беа таму Ањели и Марота, немаше да се осмели јавно да ги критикува соиграчите. Но, тоа не е единствениот пример“, порача тој.

Поранешниот централен напаѓач се осврна и на трансфер-пазарот, изразувајќи загриженост поради фактот што „Старата дама“ постепено го губи некогашниот престиж.

„Фактот дека Кеси ја избра Аталанта пред Јувентус е крајно загрижувачки. Со сета почит, Аталанта сепак не е Милан. Играчите многу добро чувствуваат низ што минуваат клубовите и се распрашуваат пред да донесат одлука“, нагласи поранешниот напаѓач.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×