Вардар и оваа сезона потфрли во Купот на Македонија откако денеска доживеа елиминација во осминафиналето, за тоа се погрижи Тиквеш кој со 3-1 ги победи црвено-црните среде Скопје.
Сите четири погодоци беа постигнати во второто полувреме. А првиот беше дел на Виздом Окере кој во 49. минута му донесе водство на Тиквеш од 1-0.
Предноста на кавадаречкиот тим траеше осум минути, тогаш Бобан Николов даде гол за израмнување на 1-1.
Но, Тиквеш брзо ја врати предноста, веќе во 62. минута преку Сила поведе со 2-1, а конечните 3-1 за гостите ги постави Лавал на 15 минути до крајот.
Елиминација доживеа и Брегалница која на пенали падна во Ѓорче Петров. Натпреварот во регуларниот тек беше 2-2, а Македонија ЃП беше подобар во ударите од белата точка.
Во прволигашкиот дуел Шкендија Арачиново со 2-0 славеше против Башкими во Куманово.
Струга со 2-0 ја совлада Беласица, Скопје со 1-0 беше подобар од Новаци, Работнички со 3-2 триумфираше над Саса.