Нов сериозен проблем ја тресе соблекувалната на Манчестер Јунајтед. Тренерот Мајкл Керик и бразилскиот напаѓач Матеус Куња, според пишувањата на англиските медиуми, влегле во жестока расправија за време на убедливиот пораз од Комо со 4-1 во третото коло од Лигата на шампионите.
Според информациите што ги пренесуваат медиумите на Островот, тензијата меѓу двајцата започнала уште во првото полувреме, а наводно продолжила и во соблекувалната. Керик бил незадоволен од настапот на бразилскиот офанзивец, додека Куња тешко ја прифатил одлуката да биде заменет уште по првите 45 минути.
Новинарот на „Сан“, Семјуел Лакхерст, кој го следел натпреварот во Италија, ја забележал жестоката размена на мислења меѓу тренерот и фудбалерот за време на еден прекин на играта.
„Керик штотуку имаше прилично жестока размена на мислења со Куња за време на прекинот, по што пцуеше бидејќи Манчестер Јунајтед повторно ја загуби топката“, напиша Лакхерст на социјалните мрежи.
Но, според порталот „Roundtable“, тоа бил само почетокот на конфликтот. Наводно, во соблекувалната на полувремето ситуацијата дополнително се вжештила, откако Керик го критикувал настапот на Бразилецот. Куња, од друга страна, бил бесен поради одлуката да биде повлечен од игра и, според истиот извор, не го криел незадоволството пред своите соиграчи. Се тврди дека атмосферата останала напната и по последниот судиски свиреж.
Бразилскиот напаѓач го започна натпреварот на позицијата лево крило, но неговиот придонес во првиот дел бил скромен. Куња имаше само 27 контакти со топката и упати еден удар кон противничкиот гол. Керик реши да реагира уште на полувремето, кога го испратил Амад Дијало на теренот на местото на Куња. Истовремено, Андреј Сантос беше заменет со Карлос Балеба.