Македонскиот фудбалски репрезентативец Матеј Гаштаров сè повеќе го привлекува вниманието со своите настапи во Црвена Звезда, а добрата форма му донесе и нов договор со белградскиот гигант, со кој се обврза да остане во клубот до 2031 година.
Во интервју за српскиот медиум „Б92“, младиот македонски фудбалер зборуваше за досегашниот развој, истакнувајќи дека доаѓањето на тренерот Риера имало големо влијание врз неговиот напредок.
„Кога дојде Риера, многу ми помогна. Ми даде шанса и мислам дека ја искористив. Се трудам на секој тренинг да се докажувам и да учам. Со него научив многу за фудбалот, среќен сум и секојдневно го слушам за да станам уште подобар“, изјави Гаштаров.
Одличните настапи во дресот на Црвена Звезда му донесоа и повик во македонската репрезентација, што претставува значаен чекор во неговата кариера.
Гаштаров не го криеше задоволството од можноста да го носи дресот на националниот тим, откривајќи дека тоа е сон што го имал уште од детството.
„Многу сум среќен што добив повик и што ги одиграв тие четири натпревари. За тоа сонував уште како дете. Не очекував дека сето ова ќе се случи толку брзо, но бев подготвен и мислам дека го покажав тоа“, порача македонскиот репрезентативец.