Статистичката анализа на судењето во шпанската Ла Лига во последната деценија открива значителна разлика меѓу Барселона и нејзините најголеми ривали. Според податоците на шпанските медиуми, од сезоната 2016/17 до денес, Барселона поминала вкупно 862 минути со играч повеќе на теренот, што одговара на речиси девет и пол натпревари. Истовремено, Реал Мадрид има негативен биланс од 91 минута, додека Атлетико Мадрид поминал 330 минути со играч помалку, односно повеќе од три и пол натпревари, пишува „Ас“.
Во Шпанија веќе долго време се води дебата за тоа кон кого судиите се повеќе наклонети. Додека од Барселона обвинувањата се насочени кон Реал Мадрид, од Мадрид возвраќаат со потсетување на случајот „Негреира“. Да потсетиме, станува збор за случај поврзан со повеќемилионските уплати што Барселона ги вршела од 2001 до 2018 година кон компании поврзани со Хозе Марија Енрикез Негреира, тогашен потпретседател на шпанската судиска комисија.
Обвинителството тврди дека уплатите можеби служеле за обезбедување повластен третман од страна на судиите, додека Барселона тврди дека плаќала исклучиво за стручни извештаи и анализи на судењето. Засега не е докажано дека Барселона ги поткупувала судиите или местела конкретни натпревари, а случајот е предмет на кривична постапка.
Сето тоа внимателно го следат и во Атлетико Мадрид, клубот кој, според силата и резултатите, е трет најголем шпански тим во тој период и единствениот кој во последните десет години, покрај Барселона и Реал Мадрид, успеал да ја освои титулата во Ла Лига. Ниту тие не молчат кога сметаат дека се загрозени или оштетени.
Секако, сето ова не може да се сведе само на суви бројки, бидејќи статистиката без контекст може да ја искриви реалноста. Самото тоа што еден клуб добил помалку или повеќе црвени картони автоматски не докажува судиска пристрасност или привилегиран статус.