Тензично било на Чаир: Претставници на Шкендија Арачиново влегле во соблекувалната на судиите!

by Стефан
2 минути читање

Фудбалската федерација на Македонија се огласи по натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Струга, кој гостинскиот тим го доби со 2-0. Од федерацијата ги образложија судиските одлуки, со посебен осврт на пеналот досуден во 24. минута по интервенција на ВАР, оценувајќи дека одлуката била исправна и во согласност со фудбалските правила.

Според објаснувањето на ФФМ, напаѓачот на Струга, со број 9, бил повлечен и задржан од одбранбен играч на домашниот тим во момент кога имал очигледна можност да стигне до топката и да се најде во чиста шанса за гол. Одбранбениот фудбалер, според федерацијата, задоцнил во реакцијата и со прекршок го спречил противникот да ја продолжи акцијата.

Главниот судија Влатко Илиоски првично не досудил прекршок, но од ВАР-собата правилно ја разгледале ситуацијата и му препорачале да ја прегледа снимката покрај теренот. По увидот, Илиоски ја променил првичната одлука, досудил пенал за Струга и му покажал директен црвен картон на одбранбениот играч на Шкендија Арачиново поради спречување очигледна шанса за гол.

Од ФФМ нагласуваат дека во спорната ситуација бил целосно испочитуван ВАР-протоколот и дека правилно биле применети критериумите за досудување пенал и исклучување на играч.

Но, федерацијата во своето соопштение се осврна и на однесувањето по натпреварот. Според ФФМ, претставници на Шкендија Арачиново и неслужбени лица по вторпат во сезоната влегле во судиската соблекувална, каде што упатувале навреди кон судиите и официјалните лица на федерацијата.

„Воедно, укажуваме и ја известуваме јавноста дека домашната екипа ФК Шкендија Арачиново, по втор пат и на ист начин, неосновано и субјективно, преку преставниците на екипата и неслужбени лица, влегле во судиската соблекувална и неспортски, навредливо и вулгарно упатувале навреди кон судиите и официјални лица во Фудбалската федерација на Македонија, а инцидентот е записнички констатиран“, објави ФФМ.

Оваа реакција доаѓа откако Шкендија Арачиново претходно јавно го обвини главниот судија Влатко Илиоски дека во 88. минута го навредил нивниот капитен Бесир Демири, нарекувајќи го „мајмун неписмен“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×