Шкендија Арачиново: Судијата Илиоски го нарече нашиот капитен „мајмун неписмен“!

by Стефан
1 минути читање

Шкендија Арачиново реагираше по денешниот натпревар против Струга, кој го загуби со 2-0, обвинувајќи го главниот судија Влатко Илиоски за непримерно однесување кон нивниот капитен Бесир Демири.

Од клубот преку соопштение на социјалните мрежи тврдат дека во 88. минута од натпреварот, Илиоски му се обратил на Демири со зборовите „мајмун неписмен“. Според Шкендија Арачиново, ваквиот начин на комуникација е недозволив за еден фудбалски судија и отвора сомнежи за навреда со расистичка конотација.

„Сметаме дека ваквиот речник е апсолутно неприфатлив за еден фудбалски судија и отвора сериозни сомнежи за навреда со расистичка конотација, особено имајќи предвид дека на теренот настапуваа и двајца темнокожи фудбалери од противничкиот тим“, наведуваат од клубот.

Од Шкендија Арачиново додаваат дека спорниот инцидент предизвикал тензии и по завршувањето на натпреварот, кои, според нив, можеле да бидат избегнати доколку судијата покажел поголема професионалност и почит кон фудбалерите.

Клубот информира дека капитенот Демири доставил официјална писмена изјава до делегатот на натпреварот, во која посочил дека постојат и сведоци на настанот.

„Бараме од ФФМ да ја објави аудиоснимката од 88. минута, да го испита случајот и да преземе соодветни мерки доколку се потврдат овие наводи“, порачуваат од Шкендија Арачиново.

Покрај спорниот инцидент, натпреварот го одбележа и исклучувањето на дефанзивецот на гостите, Мартин Тодоров, во првото полувреме, откако Илиоски му покажа црвен картон по старт во шеснаесетникот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×