Брера со 11-0 ја исфрли Санта Колома, сега оди на Хофенхајм!

by Стефан
1 минути читање

Младинците на Брера Струмица  со убедливи 8:0 ја совладаа Санта Колома од Андора во реваншот од првото квалификациско коло во младинската Лига на шампионите и така со вкупен резултат од 11:0, струмичани обезбедија пласман во следната рунда со што станаа првиот македонски клуб што успеал да мине квалификациско коло во ова натпреварување.

На стадионот „Младост“ избраниците на Ѓорѓе Стојчев приредија вистинска голеада пред домашната публика. Иако на реваншот дојдоа со предност од 3:0 од првиот дуел во Андора, младите фудбалери на Брера не застанаа тука, туку уште еднаш ја демонстрираа својата супериорност.

Голеадата ја отвори Сејменов во 11. минута, а само осум минути подоцна Шириќ зголеми на 2:0. До крајот на првото полувреме следуваше вистински потоп за гостите. Василев, Шириќ и Ристов уште трипати ја затресоа мрежата на Санта Колома, па Брера на паузата замина со убедливи 5:0.

Во вториот дел домашниот состав продолжи во ист ритам. Шириќ со уште еден погодок го комплетираше својот хет-трик, додека Тренов и Кулески се погрижија за конечните 8:0 и вкупен триумф од 11:0.

Пред Брера претстои нов, далеку потежок предизвик. Во следното квалификациско коло струмичани ќе ги одмерат силите со младинскиот тим на германскиот Хофенхајм. Првиот натпревар ќе се одигра во Струмица, додека реваншот е закажан во Германија.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×