Женската репрезентација на Македонија до 19 години забележа победа од 3:1 против Косово во вториот контролен натпревар меѓу двете селекции.
Избраничките на селекторот Кирил Изов одлично го отворија натпреварот и поведоа уште во петтата минута со погодокот на Меланија Грозданова. Сепак, Косово успеа да возврати пред паузата, откако Олса Мачастена во 42. минута ја затресе мрежата за израмнување на 1:1.
Во второто полувреме македонските фудбалерки повторно ја презедоа предноста. Теона Галабовска во 56. минута погоди за 2:1, а конечниот резултат го постави Грозданова во 89. минута, со својот втор гол на натпреварот.
На првиот контролен дуел, одигран во Приштина, двете репрезентации ремизираа 1:1. Стрелец на единствениот гол за Македонија на тој натпревар беше Јована Каралиоска.