Шкендија Арачиново и Шкендија Тетово одиграа 1-1 во првата меѓусебна пресметка во Првата македонска фудбалска лига. На стадионот во Чаир се водеше изедначена битка, во која двата тима имаа свои шанси, но на крајот мораа да се задоволат со по еден бод.
Тетовци први ја затресоа мрежата. По половина час игра, летното засилување Криезију изнуди пенал во дуелот со голманот Столевски, а од белата точка сигурен беше Ендрид Красниќи за водство на гостите од 0-1.
Претходно, Шкендија Тетово имаше уште една сериозна можност за погодок. По нафрлување од прекин, Тамба упати одличен удар, но топката заврши во пречката. На спротивната страна, Шкендија Арачиново се закани преку Шаркоски и искусниот Симоновски, но домашните на паузата заминаа со негатива.
Во второто полувреме домаќините продолжија да бараат начин да се вратат во натпреварот, а упорноста им се исплатеше на петнаесетина минути пред крајот. Симоновски најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја смести топката во мрежата за конечни 1-1 и големо славје на домашниот тим.
Со освоениот бод, Шкендија Тетово стигна до 20 бода и останува на врвот на табелата. Струга има можност да се израмни со лидерот доколку утре слави против Башкими, додека Тиквеш е трет со 16 бода.
Вардар и Шкендија Арачиново имаат по 14 бода, а „црвено-црните“ денеска од 15 часот ќе гостуваат кај последнопласираниот Скопје, со можност да направат чекор напред во трката за врвот.