ВМФЛ: Работнички убедлив со Камјани, реми на Брера и Охрид

by Стефан
1 минути читање

Фудбалерите на Брера го приредија изненадување во денешните натпревари од Втората македонска фудбалска лига, откако на гостувањето кај фаворизираниот Охрид одиграа 2-2 и освоија значаен бод.

Младиот состав од Струмица во Охрид пристигна во улога на аутсајдер, но на теренот покажа дека може да се надигрува и со фаворитите. Брера имаше предност од 2-0 и беше блиску до голема победа, но домашниот тим успеа да се врати во натпреварот и на крајот да избегне пораз.

Работнички, пак, немаше поголеми проблеми и со убедливи 5-1 го совлада Камјани, продолжувајќи ја трката за врвот на табелата.

Осогово се спаси од пораз во дуелот со Еуромилк, постигнувајќи гол во финишот за конечни 1-1. Македонија Ѓорче Петров, пак, освои три бода на гостувањето кај последнопласираниот Шкупи, славејќи минимално со 1-0. По седум одиграни кола, Шкупи останува единствениот тим без освоен бод.

На останатите средби, Детонит и Кожуф ги поделија бодовите со реми од 1-1, додека Тетекс беше убедлив против Новаци, победувајќи со 4-1.

Колото ќе биде комплетирано утре со натпреварот меѓу Беласица и Пелистер.

И покрај ремито, Охрид останува лидер на табелата со 16 бодови. Работнички е веднаш зад него со 15, додека Брера и Пелистер имаат по 14 бодови, што најавува интересна борба за врвот во продолжението од сезоната.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×