Милан е во потрага по нов спортски директор, а меѓу главните кандидати за оваа функција се најде поранешниот фудбалер на Јувентус, Мехди Бенатија. Според информациите на новинарот Матео Морето, Мароканецот би можел наскоро да пристигне на „Сан Сиро“ и да добие важна улога во раководството на „росонерите“.
Бенатија веќе има искуство во спортскиот менаџмент, откако по завршувањето на професионалната кариера се приклучи на Олимпик Марсеј. Во францускиот клуб, од 2023 до 2025 година, работеше како советник на претседателот, а потоа ја презеде функцијата спортски директор, на која остана до крајот на сезоната 2025/2026.
Во Милан би требало да го наследи Игли Таре, кој се повлече од функцијата на крајот од минатата сезона. Раководството на италијанскиот гигант сега разгледува можни решенија, а Бенатија се наметнува како една од опциите за пополнување на испразнетото место.
Мароканецот добро го познава италијанскиот фудбал, бидејќи покрај Јувентус, во Серија А настапуваше и за Рома и Удинезе. На меѓународната сцена го носеше и дресот на Баерн Минхен, а во текот на кариерата играше и за Марсеј, Клермон, Ал Духаил и Карагумрук.
Останува да се види дали Милан ќе се одлучи токму за Бенатија и дали поранешниот дефанзивец ќе ја добие можноста да преземе една од најважните функции во клупската структура на „росонерите“.