Кристијано Роналдо повторно е во фокусот на јавноста, откако неговиот „лајк“ на една објава на Инстаграм предизвика големо внимание. Станува збор за видео во кое неговите соиграчи од португалската репрезентација се критикуваат поради односот кон капитенот и недостатокот на поддршка и почит.
Португалија зад себе има три победи во Лигата на нации, но и покрај добрите резултати, дебатите за улогата и статусот на Роналдо во националниот тим продолжуваат. Неговиот потег на социјалните мрежи дополнително ја разгоре целата приказна.
Роналдо го „лајкна“ видеото на поранешниот бразилски репрезентативец Фелипе Мело, кое во меѓувреме собра повеќе од 27.000 допаѓања. Мело во својата изјава директно ги спореди односите во португалската и аргентинската репрезентација, посочувајќи го примерот со Лионел Меси.
„Односот на португалските репрезентативци кон Кристијано е сосема поинаков од начинот на кој аргентинските фудбалери се однесуваат кон Меси“, порача Мело.
Бразилецот смета дека Роналдо и понатаму добива огромно признание од противничките играчи, а според него, токму тоа недостига од неговите соиграчи во националниот тим.
Мело како пример го посочи Расмус Хојлунд, истакнувајќи дека данскиот напаѓач покажал голема почит кон Роналдо по натпреварот. Според него, Португалците не смеат да дозволат нивниот капитен едноставно да си замине без да му се оддаде признанието што го заслужува.
