Скопје и Вардар во недела од 15 часот во Автокоманда играат натпревар од новото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
Овој натпревар ќе има хуманитарен карактер, собраните средства од билетите ќе бидат донирани за лекување на навивач на ФК Скопје.
„Овој викенд играме за бодови, но пред сѐ – за живот и солидарност. Ве покануваме на претстојниот првенствен натпревар, каде силите ќе ги одмерат ФК Скопје и ФК Вардар.
Овој дуел е повеќе од обичен спортски натпревар – целиот приход од влезниците кои изнесуваат 100 денари ќе биде наменет за нашиот член Пират, Владо Рафајловски – Ермон, кој боледува од рак на желудник.
Нашите момци ќе го остават срцето на теренот за победа, а вас, нашата верна публика, ве повикуваме да ја наполните трибината и да ја покажете вашата хуманост.
Заедно сме посилни, заедно можеме да помогнеме!
НАВИВАЈ СПОРТСКИ, ДОНИРАЈ ОД СРЦЕ!“, стои во објавата на ФК Скопје.