Кристијано Роналдо излезе со големо соопштение, вината за тоа што си замина од селекцијата ја префрли кај селекторот, но вети дека ќе продолжи да игра за Португалија.
Роналдо е главната тема во овој репрезентативен прозорец. Кристијано по едно недоразбирање со селекторот Жезус си замина од селекцијата, но сега вели дека ќе се врати.
„Како што ветив, сакам директно да објаснам што се случи на последниот репрезентативен собир.
По Светското првенство, претседателот на Португалската фудбалска федерација инсистираше да размислам повторно за моето заминување и ме праша за мислењето за актуелниот селектор. Му кажав дека тој ќе биде вистинскиот избор.
Во август, селекторот ми кажа дека сум фундаментален дел од неговиот проект: требаше да играм на првиот и на последниот натпревар. Ми предложи да ги прескокнам гостувањата, но јас одбив: капитен не останува дома. Симао Кутињо беше сведок на тоа.
На денот на натпреварот со Норвешка, ме праша дали сум подготвен да играм 30 минути. Тоа не беше дел од планот, но јас кажав да. Се загревав од почетокот на второто полувреме, но никогаш не бев повикан да влезам во игра. Тој го прекрши својот збор. Тоа што потоа не им се поздравив на навивачите беше моја грешка и за тоа се извинувам.
48 часа подоцна, во присуство на Кутињо, се договоривме тој во прес-салата да ја каже вистината: планот беше негов, јас никогаш не побарав минути за игра, а тоа што ме натера да се загревам без да играм беше грешка. Тој побара да се прегрнеме и вети дека ќе го направи тоа. Јас одобрив краток документ со тие белешки.
Истото утро му кажав на претседателот и на селекторот: ако не ме сакате, само кажете ми. И двајцата рекоа не.
Прес-конференцијата немаше никаква врска со она за што се договоривме. Слушнав напад кој не го заслужив. Тоа беше вторпат да го прекрши својот збор.
Во речиси 25 години никогаш не сум се мешал во техничка одлука. Но, кога мојот збор е прекршен, моето место не е таму.
Им се извинувам на моите соиграчи што си заминав. Одговорноста е само моја. Португалската фудбалска федерација треба да ме казни без никакви олеснителни околности; како капитен, тоа е отежнителна околност.
Се зборува за проштални натпревари. Но, научив, кога бев гладен, дека никој никому ништо не подарува. За мене, репрезентацијата значи натпреварување.
Кога почина татко ми, останав до завршувањето на следниот натпревар. Тоа го направив за мојата земја.
Ако бидам подготвен, по мојата суспензија ќе бидам на располагање, како и секогаш, за да се натпреварувам и да победувам за Португалија.
Ова е апсолутната вистина.“, е дел од соопштението на Роналдо.
Целото може да го видите кај него на профил: