Жорж Жесус проговори за тензијата со Кристијано Роналдо

by bojan
3 минути читање

Селекторот на Португалија, Жорж Жесус се обиде да ја појасни ситуацијата откако се креираше тензија во репрезентацијата откако Кристијано Роналдо не одигра ниту една минута против Норвешка.

Кристијано Роналдо за прв пат по 18 години остана на клупата и не одигра ниту една минута на официјален натпревар на Португалија.

На напаѓачот очигледно не му се допадна ова, па тој веднаш се упати во соблекувалната и не ги поздрави навивачите. Потоа се појавија информации за тензија во репрезентацијата, ЦР7 вчера не тренирал со останатите, па дури и првиот човек на федерацијата морал да пристигне во Скандинавија за да ги смири работите.

На денешната прес конференција, селекторот Жорж Жезус ја раскажа својата страна на приказната.

„Најпрво сакам да кажам дека не треба да заборавиме што е најважната работа, односно што не очекува во Копенхаген. Мораме да го почитуваме противникот, се соочуваме со извонреден тим“ – започна предводникот на Португалија.

„Јас немам само еден играч, имам 23. Можете да ми поставите прашање за кој било играч. Што се однесува до Роналдо, едно прашање не е доволно, па ќе ви дозволам да поставите повеќе. Но не заборавајте дека Роналдо не е главната причина поради која сум тука. Она што е важно е Данска“.

Потоа тој ја објасни својата одлука Роналдо да не добие ниту една минута против Норвешка.

„Точно е дека имавме одреден договор. Направивме план, исто како што направивме и со Бруно Фернандеш, и му кажав на Роналдо дека нема да игра ниту против Норвешка, ниту против Данска“.

„Јас работам со Крис веќе една година. Не дојдов во репрезентацијата пред три месеци за да го запознам. Совршено добро ги знам неговите физички можности“.

„Иако се договоривме дека нема да игра против Норвешка, помислив дека можеби ќе ми биде потребен во последните минути. Но, натпреварот диктираше нешто друго и не го внесов во игра. Тоа е вистината. Во текот на мечот помислив дека можеби ќе ми биде потребен и затоа решив да се загрева, но на крајот не го внесов“.

Жезус призна дека е сосема нормално Роналдо да биде незадоволен од таквиот развој на ситуацијата.

„Ниту еден играч не е среќен кога се загрева 20 или 30 минути, а потоа не влегува во игра. Никој не е среќен. Најмалку Крис.

„Што му ветив? Како што кажав, планот беше да не игра, но пред натпреварот му реков: „Крис, ако ми требаш, ќе играш 20 или 30 минути“, а тој ми одговори: „Во ред“. Кога веќе беше на теренот, во 45. минута му реков да почне да се загрева. Во тој момент не знаев што ќе направам“.

„Тука направив грешка. Требаше да го пуштам да се загрева петнаесетина минути подоцна. Не знаев како ќе се одвива натпреварот, почнав да го следам мечот и на крајот не го внесов“.

Откако ја објасни контроверзијата околу својата одлука да не го користи Роналдо против Норвешка, Жезус се осврна и на темата која вчера ги разбранува португалските медиуми, отсуството на ЦР7 од тренингот.

„Тој не одби да тренира. Франсиско Консеисао, кој беше повреден, и Жоао Феликс не тренираа, додека Крис работеше во теретана“.

„Тој правеше вежби за мобилност на теренот, а потоа продолжи со вежби за зајакнување во хотелот. Не одби да тренира. Денес ќе тренира“.

„Тој не одби да тренира. Тоа е невозможно. Тоа не е Крис. Мислите ли дека еден репрезентативец би одбил да тренира?“

Иако Жезус инсистира дека нема потреба од правење голема приказна околу ова, случувањето сепак го натера претседателот на федерацијата, Педро Проенса да пристигне во Данска.

„Претседателот Проенса разговараше со Крис и со мене, бидејќи тоа е неговата улога како претседател. Да разговара со капитенот и со тренерот кога има гласини“.

„Тој не дојде да решава нешто, бидејќи немаше што да се решава“ – порача Жезус.

ФОТО: X/Portugal

Можно е и ова да ти се допаѓа

×