Избра да игра за Италија, па Швајцарија сега му бара 100.000 евра!

by Стефан
1 минути читање

Алесандро Романо, 20-годишниот фудбалер за врска на Каљари, неодамна донесе одлука да ја претставува Италија наместо Швајцарија, земјата во која е роден и за чии младински репрезентации настапуваше во текот на целата своја досегашна кариера.

Одлуката на младиот фудбалер предизвика голем број реакции во Швајцарија, а според информациите од таму, Романо би можел да се соочи и со финансиска обврска од околу 100.000 евра.

Романо е роден во Винтертур, во семејство со италијанско потекло. За младинските селекции на Швајцарија одигра 34 натпревари, а во неколку наврати ја носеше и капитенската лента.

Сепак, на почетокот на септември ФИФА го одобри неговото барање за промена на фудбалското државјанство. Италијанскиот селектор Роберто Манчини веднаш го повика во националниот тим, а Романо на актуелниот репрезентативен собир веќе ги запиша и првите два настапи за „Аѕурите“.

Неговото заминување особено ги разочара Швајцарците, кои со години го сметаа за еден од најголемите таленти од неговата генерација.

Романо беше дел од „Footuro“, специјална развојна програма на Швајцарскиот фудбалски сојуз наменета за најперспективните млади фудбалери. Програмата им обезбедува индивидуален тренер, дополнителни тренинзи, тестирања, како и детално планирање на развојот на кариерата.

Швајцарскиот сојуз во развојот на Романо вложувал околу 25.000 франци годишно. Бидејќи фудбалерот, по повеќегодишната поддршка, реши да настапува за друга држава, Швајцарија сега би можела да побара од него да ги врати вложените средства.

Се проценува дека вкупната сума би можела да изнесува меѓу 100.000 и 150.000 франци, односно околу 100.000 евра.

Според информациите, доколку дојде до враќање на средствата, парите не би ги плаќал Италијанскиот фудбалски сојуз, туку самиот фудбалер. Швајцарците веќе имаа сличен случај со Албијан Хајдари, кој подоцна одлучи да настапува за Косово.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×