Парма изненадувачки реши да стави крај на соработката со тренерот Карлос Куеста, иако младиот стратег во изминатиот период ги освои симпатиите на италијанската фудбалска јавност.
Куеста во Парма практикуваше атрактивен и офанзивен стил на игра, а минатата сезона успеа да го одведе тимот до 12. место во Серија А. И покрај интересот од други клубови, тој одлучи да остане во Парма, очекувајќи најавените инвестиции да го подигнат клубот на повисоко ниво.
Сепак, плановите не се реализирале според очекувањата, а италијанските медиуми пишуваат дека токму тоа довело до несогласувања меѓу двете страни.
„Карлос Куеста повеќе не е тренер на нашиот клуб. По последниот состанок стана јасно дека не постојат услови за продолжување на соработката на професионално ниво и за понатамошен развој на нашиот проект. На крајот донесовме заедничка одлука да се разделиме“, соопшти Парма.
Куеста воедно беше вториот најмлад тренер во историјата на Серија А.
Парма новата сезона послабо ја стартуваше и по пет одиграни кола, тимот се наоѓа на 15. место на табелата со освоени само четири бода.