Познати се судиите кои ќе ја делат правдата на првиот натпревар на македонската репрезентација во новото издание на Лигата на нации. Македонија в сабота ќе ја пречека Швајцарија, а главен арбитар ќе биде Германецот Даниел Шлагер.
На Шлагер ќе му помагаат неговите сонародници Свен Новицки и Тобијас Фрич, додека за четврти судија е назначен Робин Браун. Во ВАР-собата ќе бидат Бенјамин Бранд и Бенјамин Кортус.
За 35-годишниот Шлагер, кој од 2022 година е меѓународен судија со ФИФА значка, ова ќе биде 303. натпревар во неговата кариера. Интересно е што тој веќе еднаш ѝ судел на Македонија во Лигата на нации.
Станува збор за дуелот со Фарски Острови на 17 ноември 2024 година, кога Македонија славеше со 1:0, а единствениот гол го постигна Бојан Миовски.
На тој натпревар Шлагер покажа шест жолти картони. Опоменати беа Никола Серафимов, Езгијан Алиоски, Енис Барди, Исник Алими и Милан Ристовски, како и репрезентативецот на Фарски Острови, Петур Кнудсен. Германскиот арбитар во просек покажува 4,31 жолт картон по натпревар.
Шлагер досега има судено и два натпревари во квалификациите за Европското првенство, додека во европските клупски натпреварувања има 16 меча,13 во Конференциската лига и три во Лига Европа.
Искуство има и од највисокото германско првенство. Во Бундеслигата досега бил делегиран на 106 натпревари, а во Купот на Германија судел на 17 средби.
Македонија и Швајцарија својот натпревар ќе го одиграат в сабота, а сите погледи ќе бидат насочени и кон германската судиска екипа предводена од Шлагер.