Младата ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал, уште на 18 години има поставено огромни цели и не крие дека сака да остави длабока трага во историјата на фудбалот.
Во интервју за францускиот „Л’Екип“, шпанскиот репрезентативец зборуваше за своите амбиции, менталитетот и желбата еден ден да биде запаметен по сопственото име, а не како нечија копија.
„Играм за да испишувам историја. Сакам децата по 30 години да зборуваат: ‘Овој Ламин Јамал, тој навистина беше добар’. Не сакам да бидам подобар од Пеле или Лионел Меси. Сакам да бидам Ламин Јамал и да останам запаметен како Ламин Јамал“, порача Јамал.
Младиот фудбалер не планира да застане на досегашните успеси, туку постави исклучително високи цели за продолжението на кариерата.
„Освоив три титули во Ла Лига, а сакам седум или осум. Сакам да ја освојам првата Лига на шампиони. Ако освојам една, сакам три по ред. А ако во иднина ја освојам Златната топка, ќе сакам да освојам уште пет“, истакна ѕвездата на Барселона.
Јамал признава дека неговиот пристап кон фудбалот е едноставен – секогаш да се оди на победа.
„Тоа е мојот менталитет, победа, победа и секогаш победа. Секоја година. А ако не победам, се гледаме следната година“, додаде тој.
На крајот, Јамал не ја криеше ниту својата нетрпеливост кон најголемиот ривал на Барселона. На прашањето за Реал Мадрид, неговиот одговор беше краток и јасен:
„Секогаш кога ги гледам, сакам да изгубат“.