По мадридското дерби и победата на Атлетико над Реал, го видовме Жозе Мурињо во неговото препознатлив стил на прес-конференцијата по натпреварот покажуваше фотографии, тврдејќи дека судиите сериозно го оштетиле неговиот тим.
Набрзо потоа се огласи и клупската телевизија со обвиненија кон судиите. Сега стигна одговорот и од спротивната страна. Првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас го возврати ударот.
„Еве ги повторно, режимските гласноговорници и телевизијата, го градат истиот стар наратив: приказната за постојан заговор. Кога не станува збор за случајот ‘Негреира’, виновен е судијата; ако не е тоа, тогаш им пречи што судиите немаат меѓународен статус. Натпреварите на сите клубови ги судат и меѓународни судии и оние кои немаат таков статус. Никој нема право да бара одредени судии според своја желба.
Но оваа приказна оди и подалеку: се тврди дека судиите му штетат на ‘бизнисот што ги храни’. Што точно се бара? Судење кое зависи од приходите, гледаноста или грбот на дресот? Какво е тоа сфаќање на рамноправноста во натпреварувањето? Реал Мадрид е клучен за Ла Лига. Сепак, тврдењето дека ‘Ла Лига не вреди ништо’ без овој клуб открива презир кон останатите клубови, нивните навивачи и нивната историја. Натпреварувањето не му припаѓа никому.
Да се тврди дека судиите се насочени против Реал Мадрид значи да се живее во некоја друга галаксија. Тој наратив служи како изговор за прикривање на други недостатоци кои се очигледни уште на почетокот на сезоната. Полесно е да се впери прст кон заговор отколку да се објасни што навистина се случува на теренот.
Мојот став не зависи од никаква позиција: судиската грешка не докажува заговор, ниту пак со години повторуваната приказна за тоа ја прави вистинита. Отворете ги очите! Септември е, а тие веќе тврдат дека лигата е нерегуларна. Никој со малку здрав разум повеќе не паѓа на тој стар изговор“, порача Тебас преку рекација на социјалните мрежи.
Реал во овој момент е седми на табелата, со шест бода помалку од Барселона, а во седум натпревари има два порази.