Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, е подготвен да разговара за реформи на начинот на кој функционира светската фудбалска куќа.
Инфантино во писмо до членовите на Советот на ФИФА и до сите национални сојузи предложил независна надворешна ревизија на начинот на работа на организацијата, со можност тој процес да препорача потенцијални подобрувања.
Претседателот на ФИФА, пред претстојниот состанок на Советот, најави и консултации за тоа како процесот на донесување одлуки би можел дополнително да се зајакне.
Во разговорите треба да се најде и прашањето за улогата на претседателот на ФИФА, но и конкретни мерки за подобрување на транспарентноста, учеството на членките и одговорноста при донесувањето големи стратешки одлуки. Ваквиот потег доаѓа во момент кога Инфантино се соочува со сè поголем притисок поради пропаднатиот проект за продажба на правата за Светското првенство.
На приватните инвеститори требаше да им биде понуден удел од 21 отсто во компанијата. Идејата предизвика остри реакции, а притисокот врз Инфантино дополнително се зголеми.
Во обид да ја смири ситуацијата, претседателот на ФИФА сега нагласува дека во последните недели ги слушал критиките пред да им се обрати на членовите на организацијата. Тој истакнува дека консултациите ќе ги вклучат конфедерациите, националните сојузи и другите релевантни чинители.
Инфантино, сепак, и понатаму ја брани суштината на својот претходен предлог. Според неговите зборови, проекто не подразбирал откажување на ФИФА од контролата или авторитетот над спортските одлуки.
„Предлогот излезе во јавноста пред планираниот институционален процес во ФИФА да биде завршен и пред да може целосно да им биде претставен на Советот и на членките. Свесен сум дека, без целосниот контекст, тоа предизвика загриженост и создаде впечаток дека одлуките веќе биле донесени. Не беа“, наведе Инфантино.
Тој додаде дека демократските процеси, независноста и спортскиот авторитет никогаш не биле на продажба.