Шкендија испушти 0-2 и повторно кискан, Вардар може да профитира!

by bojan
1 минути читање

Арсими и откина два бода на Шкендија, со гол во финишот се избори за реми 2-2, а истиот резултат гласеше и на натпреварот помеѓу Тиквеш и Струга.

Ефикасно започна седмото коло во Првата македонска фудбалска лига, а најголемиот губитник може да биде лидерот Шкендија. Тетовци по поразот од Тиквеш во минатото коло повторно не успеаја да победат, откако денеска одиграа 2-2 на гостувањето кај Арсими.

Бесарт Ибраими со прекрасен слободен удар донесе предност за Шкендија, а Малиќи по асистенцијата на капитенот зголеми на 0-2. Гостите имаа целосна контрола и неколку можности да стигнат и до трет погодок, но наместо убедлива победа, си дозволија целосен пад.

Контрерас во финишот од првото полувреме намали на 1-2, а истиот фудбалер во 80. минута го искористи подарокот на гостинската одбрана и со својот втор гол донесе 2-2.

Шкендија до крајот не успеа да најде начин повторно да поведе и остана без победа втор натпревар по ред.

Тиквеш не успеа да го искористи киксот на лидерот. Кавадарчани одиграа 2-2 со Струга ТЛ. Лусијанињо го донесе Тиквеш во водство, но Агамах и Радески направија пресврт. Ренатињо во 87. минута ги постави конечните 2-2.

Така, Вардар утре има одлична можност да биде најголемиот добитник од ова коло. Со победа над Башкими, „црвено-црните“ ќе стигнат до 13 бода, ќе го прескокнат Тиквеш и ќе се доближат на само бод до Струга и три до лидерот Шкендија.

ФОТО: FB/KF Shkëndija

Можно е и ова да ти се допаѓа

×