Романската фудбалска федерација воведе целосно нова дисциплинска мерка во младинските категории, црн картон.
За разлика од жолтиот и црвениот картон, црниот картон не е наменет за фудбалерите, туку претставува последна реакција на судијата на недоличното однесување на родителите и останатите гледачи.
Покажувањето црн картон значи дека натпреварот дефинитивно се прекинува и нема да продолжи.
Новата мерка ќе се применува во натпреварувањата за младински категории, на мечеви за момчиња од 7 до 16 години. Целта на Романската фудбалска федерација е да ги заштити децата од насилство, навреди, притисоци и други неприфатливи форми на однесување на возрасните на трибините.
„Децата не смеат да бидат жртви на амбициите, притисоците или фрустрациите на возрасните на трибините“, порачаа од Федерацијата.
Одлуката е донесена на 11 септември, на седницата на Комитетот за итни случаи и претставува продолжение на борбата против инцидентите на натпреварите од младинските категории.