Тренерот на Фенербахче, Исмаил Картал поднесе оставка по синоќешниот натпревар од Лигата на шампионите против Рома, со кој турскиот клуб се врати во елитното европско натпреварување по 18 години. Натпреварот во Истанбул заврши со резултат 1:1. Гостите поведоа со голот на Кристанте во финишот на првото полувреме, а конечниот резултат го постави Браун на почетокот на вториот дел, со што Фенербахче освои бод.
Неочекуван потег уследи по натпреварот, кога Картал на прес-конференцијата објави дека го напушта клубот.
„Вечерва заминувам од функцијата тренер на Фенербахче. Оваа одлука ја донесов за да му отворам пат на клубот. Поднесувам оставка и никогаш повеќе нема да се вратам“, изјави Картал.
Неговата одлука ги шокираше навивачите, управата и фудбалерите, кои за неговото заминување дознале дури од новинарите во микс-зоната. Според нивните изјави, претходно немале никакви информации дека Картал планира да си замине.
Картал е легенда на Фенербахче. Како фудбалер помина десет години во клубот, а ова му беше веќе четврти тренерски мандат на клупата на турскиот гигант.
Иако првично не беше јасно што ја предизвикало неговата одлука да поднесе оставка, на социјалните мрежи се појави видео кое нуди можно објаснување. На снимката се гледа како за време на натпреварот еден навивач на Фенербахче фрла шише со вода и го погодува Картал.
Hier wurde Ismail Kartal mit einer Wasserflasche abgeworfen. https://t.co/sIMwOSGial
— FenerXtra | Fan (@FenerXtraDE) September 10, 2026
Клубот не ја прифати неговата оставка и претседателот Јилдирим јасно порача дека сака Картал да остане на клупата, сепак утрово тој не се појавил на тренингот и го исклучил мобилниот телефон.